Владата на вчерашната седница ги прифатила предложените мерки во кои се предвидуваат забрана за гостување на пејачи и диџеи во сите угостителски објекти, ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на лица кои може да седат на една маса во угостителски објект од сегашните 12 на 4.
На оваа тема со свое објаснување излезе д-р Нико Беќаровски од Клиниката за Токсикологија.
„Многумина останаа зачудени како може ограничувањето на јачината на звукот на музиката во кафулињата да биде АНТИ-КОВИД мерка.
Едно мало појаснување, 55 db. е приближната јачина на говорот и од утре се надевам дека сите ќе може мирно да спиеме.Но да се вратам на темата. Има неколку начини на кој оваа мерка може директно и индиректно да влијае на намалување на ширењето на вирусот.
1. Гласната музика, Ве тера да зборувате погласно за да бидете слушнати, а при гласното зборување или викање се исфрлаат многу подалеку Флигеовите капки, преку кои се шири вирусот.
2. Гласната музика Ве тера да се доближите многу поблиску до соговорникот за да може да се разберете.
3. Гласната музика го оневозможува комуницирањето преку заштитните маски, кое е отежнато и при нормална бучност.
4. Гласната музика делува стресогено за организмот, а една од манифестациите на оваа стресогена реакција се продлабочени респирации, поради што дополнително подалеку се исфрлаат Флигеовите капки.
А за стресот и нервозата од непреспиените ноќи и тормозењето со шунд турбофолк на сите соседи и околни станари друг пат“, објаснува Беќаровски.