Државниот пазарен инспекторат синоќа повторно го затвори култниот скопски бар „Интермецо“, популарен по лудите ноќни журки во текот на пандемијата, овој пат поради непочитувања на протоколите и рестриктивните мерки – објави слободен печат.
Објектот согласно важечките прописи, добива забрана за вршење на угостителска дејност во наредните 10- 30 дена како и парична казна.
Според директорката на ДПИ, Анета Симеска Димоска пазарните инспектори синоќа влегле во објектот и постепено го испразниле, бидејќи е констатирано непочитување на мерките согласно одлуката на владата за ковид протоколите.
-Откако ќе се комплетира записникот, локалот ќе добие Решение за забрана за работа во период од 10-30 дена согласно законските одредби, а глобата која се движи од 2.500 – 30.000 евра се утврдува зависно од големината на субјектот, а казна од 1.500 евра добива сопственикот на локалот, објасни таа.
Откако ќе се обезбедат услови за работа според протоколите, локалот ќе може да продолжи со работа.
Инаку, ова популарно место за забава, веќе има најавени журки со популарни ди Џеји и музички гости од регионот веќе во петок и сабота, како и во наредниот период.
На снимките се гледа дека гостите во локалот не ги почитуваат ниту санитарните мерки, не се држи дистанца, не се носат маски и бројот на гости е над дозволениот број со последните рестриктивни мерки.