Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе Обвинителен акт против актерката Силвија Стојановска и нејзиниот сопруг Боислав Будисављевиќ кои беа дел од меѓународната банда шверцери на 700 килограми кокаин.
Двајцата се товарата за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, по член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
-По спроведената меѓународна операција „Колибри” во која беа лишени од слобода пет лица од кои две на територијата на нашата држава и три лица на територија на Кралството Шпанија, надлежниот јавен обвинител спроведе сеопфатна истражна постапка. Во текот на истрагата обвинителството утврди дека во периодот од јули 2019 година до 18.12.2019 година, обвинетите, заедно со тројцата обвинети во Кралство Шпанија од кои едниот е македонски државјанин, брат на првообвинетиот, како повеќе лица, земале учество во неовластено купување, пренесување и продавање на наркотична дрога – кокаин во вкупна количина од 698.758,1 грам. Обвинетите подготовувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на наркотична дрога – кокаин од Р. Колумбија до Мадрид, Кралство Шпанија и барале купувачи на истата. За да не бидат откриени во нивните постојани активности, обвинетите меѓусебно комуницирале со користење на енкрочат телефонски мобилни уреди, како и енкрочат мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање на евентуална полициска инсталација и на дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки – инхибитор (PROTECT 1207i).
Имајќи ги предвид видот, тежината и висината на запретената казна, мотивите, начинот на кој е извршено кривичното дело, особено фактот што стореното кривично дело се карактеризира со особена тежина осликана со добра организација и долготрајна подготовка на секое дејствие посебно за да се реализира намерата и да се заработи од неовластената продажба на наркотичната дрога кокаин, добро развиените врски со криминалните структури надвор од територијата на РС Македонија , обвинителството заедно со Обвинителниот акт му предложи на судот да ја продолжи мерката притвор за првообвинетиот и мерката куќен притвор за второобвинетата.