Вкупно девет луѓе загинале во хеликоптерската несреќа во која настрадаa кошаркарската ѕвезда Коби Брајант и неговата ќерка Џиана, соопшти канцеларијата на шерифот на Лос Анџелес, а пренесуваат американските медиуми. Првичните информации сугерираа дека во хеликоптерот имало пет лица.
– Во несреќата нема преживеани. Имаме список на патници кој покажува дека имало девет лица во хеликоптерот. Пилот заедно со уште осуммина патници. Има шпекулации за нивните идентитети, но сега е неумесно да идентификуваме некој по име, додека патологот не ја направи идентификацијата и не ги извести најблиските – вели вработен во канцеларијата на шерифот.
Шефот на противпожарната служба на Лос Анџелес, Дерил Осби, соопшти детали за несреќата.
– Нашите пожарникари дојдоа до местото на несреќата со медицинска опрема и противпожарни црева за гаснење на огнот на остатоците од хеликоптерот, во кој имаше и магнезиум, кој е многу тежок за гаснење, бидејќи реагира со кислородот и со водата. Покрај пожарникарите што пешачеа до местото на несреќата, пративме и хеликоптер со пожарникари-болничари. Тие ја пребараа областа за преживеани. Но за жал сите беа настрадани. Пожарникарите внимателно го гаснеа оганот за да го сочуваат местото на несреќата за истрагата, која уште е во тек – истакна Осби.
Експертите на местото на настанот се обидуваат да ги разјаснат причините за оваа трагедија.
Имало неверојатно лоши услови за летање, мала и скоро никаква видливост, релативната влажност на воздухот била 100%, дополнително го згуснале маглата и загадувањето од дивите пожари по што воздухот бил како крем-супа, се зборовите на метеорологот на CNN, Мајкл Гај.
Потврда дека временските услови не биле идеални дојде и од полицијата на Лос Анџелес, од каде истакнаа дека тие претходно ги откажале сите полетувања на хеликоптерите поради преголемата влажност на воздухот. Пред хеликоптерот да се сруши на брдото, кружел околу петнаесетина минути.
Хеликоптерот со кој патувал Брајант бил негов, произведен 1991 година, ова било редовна процедура во неговото секојдневие, а моделот на леталото важи за еден од најсигурните на пазарот.