Излегуваш од дома и заминуваш на работа, на училиште, до трговски центар. Единствено, метежот во сообраќајот во Скопје може да те вознемири. Во истиот град, во македонската метропола, ако имаш оштетен вид, телесен инвалидитет, оштетен слух или друга попреченост имаш минимална достапна подвижност. Вакво е и секојдневието на младата пијанистка Ема Ананиевска.
„Не сме приспособени воопшто. Не можам и немам услови за да се движам сама и многу ме фрустрираше тој момент, кога на 16 години ќе излегуваме, па морав да им речам да друштвото, чекајте морам со мајка ми да се договорам.
Се наоѓа начин за движење, меѓутоа треба да се работи уште, затоа што знаете целта на инклузијата е да бидеме целосно самостојни и да можеме во било кое време сакаме, слободно да одиме, без да морам да зависиме од никого, затоа што тоа е поентата за сите луѓе“
За да има куче придружник мора да оди во Загреб и да помине низ многу процедури кои траат долго и се скапи.
„Во државата наша, прво немаме дресери за кучиња придружници, а како второ имаме само еден човек којшто има куче придружник. Не е нешто невозможно, имаме дресери коишто можат да бидат пратени на обуки и слично. Јас моментално сум во процедура да земам куче придружник од Загреб, меѓутоа тоа е многу тешко и е процедура која што кошта“
ЈСП неодамна објави веста, дека на лицата со попреченост ќе им биде дозволено да се возат со куче придружник. Но, тоа што нема кучиња придружници не е единствен проблем.
„Најчесто кога излегувам сама и одам некаде ме пречекуваат другарки, но морам да одам со такси, затоа што во автобус не можам да одам сама. Прво затоа што нема никакви звучни сигнали во автобусите, а мене ми се има случено да заминам во автобус кај Капитол и да ми каже дека следна станица е Рекорд“