Чендлер Лесесне Вест (29) од САД пред повеќе од една година преку интернет купила винтиџ облека и модни додатоци во вредност од 75 долари (околу 70 евра).

Меѓу тие работи имало и мала платнена чанта, чија цена била 1 долар (помалку од 60 денари). Чендлер некое време ја имала „на око“, но потоа ја оставила и заборавила на неа.

Кон крајот на минатата година таа повторно се нашла во нејзините раце, па решила да дознае нешто повеќе за неа. Гуглала, но залудно. Потоа  за помош им се обратила на членовите на групата на Фејсбук посветена на идентификување на антиквитети и винтиџ облека. Меѓу нив имало и некој кој ја препознал и навестил дека вреди мало богатство.

Мислев дека ќе вреди малку повеќе од доларот што го платив, но не толку. Открив дека тоа е ретко винтиџ парче Картие, француска свилена „арт деко“ вечерна чантичка од 1920-тите и дека накитот на затворачот може да бидат вистински дијаманти. Ми препорачаа да ја однесам во златарница за да проверам – се присетува таа.

Вели дека не можела да најде ознаки во чантата, но подоцна дознала дека Картие ја става ознаката на копчето. Го послушала советот и ја однела чантата кај еден златар кој потврдил дека содржи 12 дијаманти и го препорачал следниот чекор: „Контактирајте аукциската куќа“. Таа ја избрала RAGO Auctions, а тие ја процениле вредноста до 4.000 долари.

Аукцијата започнала со 2.000 долари, а понудите што доаѓале биле сѐ повисоки и повисоки, на крајот ги изненадиле сите.

– На крајот ја продадов за 9.450 долари (околу 9.500 евра) – рекла таа, пренесува Инсајдер.