Италија од вчера го слави апсењето на шефот на мафијашката организација Коза Ностра, Матео Месина Денаро, кој 30 години беше во бегство. Младите во Палермо дури одржаа и митинг за поддршка пред касарната за карабинери „Декла Киеза“ и извикуваа „Палермо е наш, а не Коза нострин“ и „Браво, браво“, изразувајќи го своето воодушевување од полицијата.
Како што пренесува Гардијан, за едниот од последните „кумови“ на мафијата на Сицилија полицијата добила информации, а тоа е дека во наредните денови ќе посети приватна клиника во Палермо за лекување на тумор.
60-годишниот мафијаш, по кого италијанските власти трагаа од 1993 година, беше уапсен додека ја напушташе клиниката „Ла Мадалена“, која три дена од добивањето на информацијата, па се до неговото апсење беше следена од полицијата.
Во моментот на апсењето, италијанскиот шеф носел скапа облека и часовник вреден 38.000 евра, пишува Гардијан. Според полициски извори, Денаро повеќе од една година ја посетувал оваа клиника под псевдонимот Андреа Бонафеде.
„Здравјето е еден од факторите што ги наведува оние кои сакаат да се скријат да се откријат порано или подоцна“, рече шефот на карабинерите на прес-конференција во Палермо.
Службениците кои ја опколиле клиниката го виделе Денаро како влегува во зградата во 8:30 часот во понеделникот. Носел бела волнена капа и очила за сонце, додека во раката држел негативен тест за корона вирус, кој му бил потребен за да направи дополнителни тестови поврзани со туморот.
Кога полицајците влегле во зградата за да го уапсат, Денаро наводно се обидел да побегне, но кога сфатил дека е опколен не давал отпор.
Во моментот кога му ставиле лисици, полицаецот го прашал „Како се викаш“, а 60-годишниот мафијаш му одговорил „Јас сум Матео Месина Денаро“, пренесува Гардијан.
Инаку, полицијата пронашла парфеми и дизајнерска облека во стан во градот Кампобело ди Маскара на Сицилија, кој се претпоставува дека бил последното скривалиште на Денаро. Станот е во скромна зграда во близина на центарот на Кампобело ди Макара, град во западната сицилијанска провинција Трапани, на само неколку километри од родниот град на Денаро, Кастелветрано, велат изворите. Генералот Пасквал Анџелосанто од специјалните сили на карабинерите на РОС рече дека се претпоставува дека овој стан најчесто го користел Денаро во последниот период и дека таму се наоѓаат важни елементи за истрагата.