Бирото за јавна безбедност започна истрага за мотивите и целите на формирање на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа „Телеграм“ во која македонски средношколци споделуваат порнографски фотографии од свои врснички, информира на својот Фејсбук профил, заменик министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска.
„Во врска со затворена група на „Телеграм“ во која средношколци споделуваат експлицитни фотографии од свои врсници, Бирото за јавна безбедност веднаш започна истрага за мотивите и целите на формирање на оваа група. За сите детали и наоди јавноста ќе биде известена, а против прекшителите на законот ќе се поднесат соодветни поднесоци“, напиша Петровска.
Инаку, во затворена група на апликацијата „Телеграм“ средношколците од државата споделуваат и коментираат на интимни фотографии и видеа на маолетни девојчиња, претходно објави Радио МОФ.
Групата функционриа повеќе недели и веќе има над 7.400 членови. Таа е позната како „Јавна соба“, а за нејзиното постоење се шпекулира веќе еден месец, но сега јавно се осмелија да проговорат дури и професори од средните училишта кои се загрижени за безбедноста на учениците, но и општо, за приватноста на оние чии слики се споделуваат без нивно знаење.
„Ова е група во која се споделуваат фотографии од малолетни девојчиња, од 12, 13 години и малку повозрасни. Фотографиите се преземени, не само од отворени Инстаграм профили туку и од приватни пораки меѓу двајца соговорници (девојки кои претходно испратиле приватни интимни фотографии до свои пријатели или до партнери). Во оваа група може да се пристапи со лажен профил, па во неа веројатно има и возрасни лица. Прегледот на оваа група покажува дека ова е платформа во која се објавуваат порнографски материјали на малолетни девојчиња и тоа со име и презиме или само со име и место на живеење. Секој член на групата може да ја зачува објавената фотографија и истата да ја користи за свои цели“, сведочи професорка од едно средно училиште во Скопје.
Членовите на групата бараат разголени фотографии од девојчиња од Кавадарци, а бараат и фотографии од девојки со конкретни имиња и презимиња.