Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ е во блага предност на предвремените парламентарни избори во земјава. Според податоците на Државната изборна комисијата од обработени скоро 94 отсто од гласовите, коалицијата предводена од СДСМ и Беса освои 36, 13 отсто од гласовите, а коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има 34, 65 отсто од гласовите. Во албанскиот блок победник е ДУИ со 11, 57 проценти од гласовите, следува Алијансата за Албанците во коалиција со Алтернатива со 8, 79 отсто. Левица има 3,96 отсто од гласовите, ДПА 1,48, а Интегра 1,33, соопштија од ДИК.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на прес-конференција во хотелот „Белви“ изјави дека во моментов СДСМ и коалицијата „Можеме“ има предност од над 3 пратенички мандати, со можност за уште еден или два повеќе. Тој наведе дека неговата партија во моментов има 49 пратеници, додека ВМРО-ДПМНЕ 46.
-Успеавме народе мој. Со убедлива и стабилна предност од над 3 пратенички мандати пред ВМРО-ДПМНЕ, со можност за 1 или 2 уште повеќе, нашата коалиција Можеме е победничката коалиција на овие избори. Најголемата, најразноликата, тоа е коалицијата Можеме. Волјата на народот се потврди, победуваме. Граѓаните гласаа за сигурна иднина, заенидштво и солидарност, за ред и правда и избраа подобро денес и подобро утре. Патот напред е потврден, на опасноста и кажавме јасно не – рече Заев.
Инаку, и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев на последната прес конференција рече дека изборната трка е многу тесна, но неговата партија влегува во трка за составување мнозинство за формирање влада.