Вработениот во Централниот регистар Емил Јакимовски, кој викендов упати закани кон новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска, доби отказ од работното место.
Директорката на оваа институција, Марија Бошковска Јанковски донела решение за прекин на работниот однос поради нарушување на угледот на Централниот регистар.
„Денес 12.01.2020 година (недела) директорот на Централен регистар на Република Северна Македонија, Марија Бошковска Јанковски донесе Решение за престанок на работниот однос на лицето Емил Јакимовски поради суштествени повреди на одредбите од Колективниот договор на Централниот регистар.
Имено Емил Јакимовски ги повредил и прекршил одредбите од неговиот Договорот за вработување според кои иако вработениот задолжително треба да го чува, сепак не го чувал угледот на работодавачот и не се воздржувал од сите постапки кои со оглед на природата на работата што ја врши се штетни или ги повредуваат интересите на работодавачот, професионално не се однесувал спрема другите вработени и странките, не ја респектирал хиерархијата и не се однесувал согласно Кодексот на однесување на работодавачот и пропишаните правила за ред и дисциплина кај работодавачот.“ – доцна синоќа објави Бошковска Јанковски на нејзиниот Фејсбук профил.