Турскиот парламент од своите ресторани во вторникот ги исфрли „Кока-Кола“ и производите на „Нестле“ поради наводна поддршка на Израел, се дознава од службеното соопштение.
„Производите на компаниите кои го поддржуваат Израел нема да се продаваат во рестораните, кафулињата и чајџилниците во кругот на парламентот“, соопшти турското Големо народно собрание.
Одлуката ја донесе претседателот на парламентот, Нуман Куртулмуш, со цел да ја „освести“ јавноста за бојкот на производите на споменатите компании кои отворено ги поддржале, како што тврди, „израелските воени злосторства и убиствата на невини луѓе во Газа“.
Во соопштението на парламентот не се наведува како точно „Кока-Кола“ и „Нестле“ ја поддржуваат израелската воена кампања.
„Нестле“, минатиот месец, како одговор на воената состојба соопшти дека привремено затвора еден од своите производствени капацитети како „мерка на претпазливост“.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и неговата влада остро го критикуваат нападот на Израел врз Газа и поддршката на Западот на Ерусалим.
Израел започна напад врз Појасот Газа откако пред точно еден месец исламистичката група Хамас изврши колеж во јужен Израел, убивајќи во еден ден 1.400 луѓе во нападите на посетителите на музички фестивал, додека пак 240 луѓе беа киднапирани.
Здравствените власти во Газа, под контрола на Хамас, тврдат дека во едномесечното израелско бомбардирање загинале над 10.000 Палестинци, вклучително и околу 4.000 деца.