Професор Д-р Драган Даниловски во разговор за порталот Фактор појаснува дека, делат плус сојот кој веќе пристигна во соседните земји, е прашање на време кога ќе се појави и кај нас, но сепак, како што вели тоа нема значително да ја влоши епидемиолошката состојба во земјава.
-Од досега расположливите податоци е заклучено дека делта плус сојот е за околу 10 проценти позаразен од делта сојот. Се претпоставува дека стекнатиот имунитет со прележување или вакцинација сѐ уште заштитува и од него. Бидејќи сите земји во светот сме делови од еден затворен систем на врзани садови, неизбежно тој ќе се прелее и кај нас. Не можам да претпоставам кога тоа ќе се случи. Но, сигурен сум дека тоа нема значајно да ја наруши епидемиолошката ситуација. Мутацијата е направена во спајк протеинот кој навлегува во клетките и токму заради таа мутација во протеинот на шилецот („спајк протеин“) е причина за неговата поголема заразност, која грубо е проценето дека е за околу 10 проценти поголема од онаа на делта. Сѐ уште не може да се согледа дали предизвикува потешки симптоми, вели епидемиологот Даниловски.