Ла Ринконада е најнаселеното место во светот и град најблиску до вселената.
Се наоѓа на перуанските Анди на 5100 метри надморска височина, а има 50 отсто помалку кислород, поради што го нарекуваат и „најпеколното место на светот“.
Во видеото што е прегледано повеќе од 50 милиони пати, Јутјуберот и документарен режисер Рухи Ченет покажа како изгледа животот во град над облаците и – тоа не е воопшто лесно (барем за странците).
Имено, на оваа екстремна висина атмосферата е значително поретка, поради што животниот век е 35 години. Локалното население живее со само 50 проценти од нормалното ниво на кислород. Сепак, нивните тела еволуирале за да произведуваат двојно повеќе крвни зрнца од другите.
„Во оваа пустелија, ниту едно дрво не може да преживее поради нискиот воздушен притисок. Овој град на перуанските Анди е дури 300 метри повисок од Мон Блан, највисокиот врв на европските Алпи. Далеку од современиот свет, тој е место каде криминалот и опасноста се секогаш во близина“, објасни Јутјуберот.
Ченет покажал дека му се свртело штом излегол од таксито, а кога се разбудил утрото почувствувал многу умор. Од сувиот воздух го болело грлото, а усните му испукале, а иако било лето, патиштата биле замрзнати и смрдливи, а ѓубре можело да се види низ целиот град.
Луѓето таму живеат во „метални бараки“ без струја, што е многу загрижувачко кога температурата ќе падне до -10°C во зима. Јутјуберот забележал дека повеќето луѓе користат јавни бањи и тушеви бидејќи немаат вода во домовите. Сепак, постои добра причина зошто некои се согласуваат да живеат во толку тешки услови.
„Луѓето доаѓаат во оваа сурова земја само поради една причина – злато. Околу 50.000 луѓе се населиле овде, меѓу купиштата ѓубре, сонуваат за богатство“, објасни тој.
Инаку, градот се наоѓа во близина на рудник за злато, а меѓу 2001 и 2009 година, кога цената на златото се зголемила за 235 отсто, населението се зголемило за 30.000 жители.