Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Често, при воспалителни реакции на носната слузница има претерано создавање на носен секрет. Тој секрет се акумулира во задниот дел на носната празнина и потоа се слева во грлото. Тоа е постназален дрип.
Постнзалниот дрип може да биде засебна болест, но повеќе се смета како симптом на некоја друга болест. Некои од болестите кои можат да создадат постназален дрип се:
ринитис, синузитис, гастроезофагеален рефлукс, пореметувања на голтањето, деформација на носната преграда, алергија, обична настинка или грип, реакција на лекови.
Симптоми
Има неколку симптоми на постназалниот дрип. Се јавува чувство на непријатност во задниот дел на носот и грлото. Пациентот има потреба често да се накашлува или да го прочистува грлото, а се јавува и ноќна кашлица.
Постназалниот дрип може да предизвика воспаление на грлото, синусите и увото, кои потоа доведуваат до дополнителни симптоми специфични за воспаление на тие органи.
Дијагноза
Поставувањето на дијагноза на постназалниот дрип не е лесно поради постоењето и преовладувањето на пропратните симптоми на болестите кои го предизвикуваат или кои се предизвикани од самиот постназал дрип.
Анамнезата и општиот преглед не се доволни за поставување на сигурна дијагноза.
Потребно е да се направи фибер ендоскопски преглед (риноскопија) со што се визуелизира задниот дел на носот и ждрелото. Со тоа се овозможува потврда на дијагнозата на постназалниот дрип.
Лекување
Лекувањето на постназалниот дрип зависи од болеста, т.е состојбата која го предизвикала. Терапијата се насочува кон лекување на основната болест, а се дава и симптоматска терапија. Ако се работи за инфекција за даваат антибиотици. Доколку се работи за алергија се вклучуваат антихистаминици и назални стероиди.
Често се користат деконгестивни капки или спрејови со кои се намалува носната секреција.
Од голема корист е перењето на носната празнина со солен раствор и внес на течности, посебно топли напитоци, со што се олеснуваат симптомите.
Алкохол, дим од цигари и загаден воздух ги потенцираат симптомите, а неретко се и главна причина за воспаление на лигавица на носот и создавање на постназален дрип, и затоа треба да се избегнуваат.