Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Како се лекуваат полипите на носот и синусите?
За да се постави дијагноза треба да се направи преглед кај оториноларинголог. Специјалистичкиот преглед се прави со фибер назофарингоскоп, еластичен телескоп со кој се прегледува носната шуплина и носните структури. Прегледот може да се направи и со ригиден, метален телескоп.
За попрецизна дијагноза дополнително се прави компјутерска томографија на носот и параназалните синуси.
Целта на лекувањето е да се намали големината на полипите или целосно да се отстранат. Така ќе се овозможи квалитетно дишење преку носот, ќе се ослободат синусните отвори ќе се овозможи вентилација и дренажа на синусите, и ќе се нормализира осетот за мирис.
Третманот може да биде:
Конзервативен
Хируршки
Комбиниран
Конзервативниот третман подразбира употреба на деконгестиви (капки во нос) кои се користат само ограничен период. Подолготраен ефект се постигнува со користење на кортикостероиди, локално и системски. Локалните корткостероиди се во форма на спрејови и можат да се користат повеќе месеци па и години доколку е потребно.
Новите генерации на носните кортикостероиди имаат многу мала системска ресорпција и добро и долготрајно локално дејство, затоа може долго да се употребуваат. За да се постигне задоволителен ефект овие спрејови треба да се користат најмалку 6-8 недели.
Хируршкиот третман значи оперативно отстранување на полипите од носот и синусите. Поранешните радикални операции денес се заменети со функционални ендоскопски операции на нос и синуси (FESS). Со оваа техника е постигната поголема прецизност при операцијата и подетално одстранување на полипите.
Комбинираниот третман најчесто се применува, бидејќи полипите често се обновуваат после операцијата.
Најпрво, предоперативно се употребуваат деконгестиви и кортикостероиди додека не се намалат делумно полипите. После ендоскопската операција следи повторна и долготрајна терапија со кортикостероиди, најчесто како спреј во нос, а по потреба и системски. Целта е да се спречи рецидивирање, т.е. обновување на полипите.