Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Нормалната боја на урината се движи од бледо жолта до боја на килибар – резултат на пигментот урохром и од тоа колку е разредена или концентрирана урината. Нормалната боја варира во зависност од тоа колку вода пиеме. Течностите ги разредуваат жолтите пигменти во урината, колку повеќе вода пиеме посветла ќе биде урината. Кога внесуваме помалку течност, урината е поконцентрирана, потемно жолта. Тешка дехидратацијата дава боја на килибар.
Пигменти и други материи во одредени храни и лекови може да ја променат бојата во црвена, темно кафена, сина, зелена, облачесто бела.
Понекогаш невообичаена промена на бојата на урината може да е поради специфични здравствени проблеми, односно да е знак на болест.
Црвена или розова урина. Црвената урина може да варира од розева до темно црвена. Со тест може да се види дали црвената боја е од хематурија (крв во урината). Црвена урина може да даде и присуство на миоглобин (протеин во мускулните клетки).
Многу проблеми кои може да го зафатат уринарниот систем може да дадат крв во уринатаː инфекции, каменчиња, цисти, тумори, зголемена простата.
Интензивно вежбање може да даде црвена урина – оштетените мускулните клетки ќе дадат миоглобин во урината и таа ќе е црвена. Марш хемоглобинурија се јавува при долготрајно трчање кога црвените крвни зрнца се распаѓаат поради механичко оштетување во крвната циркулација.
Вродени состојби како некои типови на анемија, таласемија и порфирија може да ја пребојат урината црвеникаво или кафено.
Кај лица кои не можат да го разградат пигментот бетанин кој се наоѓа во цвеклото, тој се апсорбира во тенкото црево, влегува во крвната циркулација и се излачува со урината. Боровинките и капините ако се консумираат во поголеми количини кај некои лица може да дадат црвена урина.
Лекови кои даваат црвена урина сеː рифампин, феназопиридин, лаксативи кои содржат сена.
Портокалова урина може да е последица на консумација на голема количина моркови, проблеми со црниот дроб или билијарниот тракт, дехидратација која ја концентрира урината или пак од лекови (сулфасалазин, феназопиридин, некои лаксативи и лекови за хемотерапија, изонијазид и рифампин, високи дози на рибофлавин, Б витамин).
Сина или зелена урина. Ако син пигмент се најде во урината бојата често е зелена затоа што сината се меша со жолтиот урохром кој нормалн го има во урината. Аспарагус некогаш дава зелена нота на урината. Бои кои се користат за храна може да дадат зелена урина. Зелена урина даваат и многу лековиː амитриптилин, циметидин, индометацин, пропофол. Зелена урина некогаш се јавува при уринарна инфекција со псеудомонас.
Темно кафена или кока-кола обоена урина. Ако црвената урина е темна таа може да изгледа и кафено дури и црно. Во вакви случаи, причините за кафена или црна урина може да се истите како и за црвена урина.
Но урината може да е и навистина кафена. Билирубинот некогаш е зголемен во крвта поради состојби на црниот дроб (цироза, хепатитис) или запушен билијарен канал од каменче на жолчно кесе, тумор или други состојби. При хемолитичка анемија, многу црвени крвни зрнца се распаѓаат во исто време, се создава многу билирубин кој може да ја обои урината. Во ретки случаи при меланом, канцер на кожа, пигментот меланин го има во циркулацијата и така може да се најде и во урината.
Големи количини на грав или алое може да предизвикаат темно кафена урина. Мускулно оштетување од екстремно вежбање може да даде урина со боја на кока-кола.
Лекови – некои антималарични лекови, метронидазол, нитрофурантоин, лаксативи кои содржат каскара или сена, метакарбамол (мускулен релаксант).
Облачеста или матна, млечно бела урина укажува за инфекција на уринарниот тракт, бубрежни каменчиња, кристали на урична киселина, фосфатни кристали.
Виолетова урина. Синдром на виолетва уринарна кеса кај лица кои носат урокатетер – бакериите го колонизираат катетерот, уринарната кеса и продуцираат супстанца индирубин која дава светла виолетова боја.
Дијагнозата се поставува врз основа на распит на пациентот, анализа на урината (присуство на црвени крвни зрнца во урината, протеини, кристали, бактерии), крвни тестови (за функцијата на бубрезите, црниот дроб…), ехосонографија (присуство на каменчиња во бубрезите или мочниот меур, цисти, тумори, зголемена простата….).