Министер од Босна и Херцеговина останал без 20 илјади евра кога во ресторан во Бања Лука заборавил торба со толкава сума кеш, јавија локалните медиуми.
Министерот за транспорт и врски во Советот на министри на БиХ, Војин Митровиќ, ја потврди оваа информација, а фактот дека со себе имал сума еквивалентна на три години просечна плата во неговата земја го објасни со тврдењето дека штотуку тргнал на пат за Белград каде требало да изврши авансно плаќање за купување стан.
„Поради таа причина со мене имав 20.000 евра. Инаку, никогаш не носам премногу готовина, а камоли толку. Имав и голема торба и му ја дадов на возачот, а малата торбичка во која беа тие пари, моите документи и документите на сопругата, дипломатскиот пасош и сите платежни картички остана на масата“, изјави Митровиќ за порталот инсајдер.ин.
Без парите и документите останал откако ја платил сметката во ресторанот и потоа заборавил на чантата. Тој вели дека се сетил дури кога влегол во автомобилот. Веднаш се вратил во ресторанот, но чантата веќе ја немало и никој не знаел каде е. Сè пријавил во полиција која сега го истражува случајот.
Министерот се надева дека надзорните камери ќе откријат каде завршиле неговите пари.