Експерти од Флорида веруваат дека успеале да докажат дека коронавирусот мутирал на таков начин што станал позаразен. Научниците тврдат дека мутацијата влијае на протеинот кој на вирусот му овозможува да се пробие во клетките во човечкиот организам.
Доколку ова се покаже како точно, за прв пат ќе биде докажано настапувањето на промени кај коронавирусот.
„Во системот на културата на клетките кои ги користевме, вирусите со таа мутација беа многу позаразни од вирусите без мутација“, изјави Хјерјун Чои, виролог од истражувачкиот центар „Scripps Research“ од американската сојузна држава Флорида.
“Ова истражување е значајно затоа што покажува дека вирусот може да се промени; во своја полза и можеби на наша штета. Веќе можеме да видиме дека тој се шири силно на некои места и запира на други”, изјави вирусологот Вилијам Хаселтина за Си-Ен-Ен , претседател на групата Access Health International.
“Тоа може да значи дека треба да се подготвиме за постојана промена. Овој вирус ќе одговори на сè што правиме за да го контролираме. Ако направиме лек, тој ќе му одолее. Кога ќе измислиме вакцина, ќе го намали дејството. Ако останеме дома, ќе открие како да опстане на површините што е можно подолго “, додаде тој.