Актуелниот австралиски пратеник и поранешен вицепремиер, Барнаби Џојс се огласи откако се појавија снимки како лежи на тротоарот во Канбера и пцуе на својот мобилен телефон.
Во исто време, расте притисокот врз Националната партија на Австралија да го санкционира својот член.
Гардијан Австралија тврди дека Џојс не присуствувал на состанок на партијата на кој се разговарало за инцидентот. Шефот на партијата Дејвид Литлпрауд се очекува да разговара со Џојс.
Во петокот, Дејли Мејл Австралија објави снимка на која Џојс лежи на грб на тротоарот со стапалата на жардиниера за цвеќиња, зборува на телефон и изговара непристојни зборови. Џојс призна за мрежата Севен дека „направил голема грешка“ со мешање на алкохол со лекот што го земал на рецепт.
„Јас земам лекови на рецепт и тие ви велат дека одредени работи можат да се случат ако пиете и тие се 100% во право. Не барам сочувство и не барам изговор. Ќе се држам до тоа. Седнав на жардиниерата, паднав и ме снимаа“, истакнал тој.
Премиерот Ентони Албанес во петокот рече дека пратеникот Џојс е во „очигледно тешки околности“. Вчера побара објаснување за настанот. „Мислам дека луѓето ќе размислат каква треба да биде реакцијата кога министер од мојата влада се однесува така. Мислам дека едноставно ни треба објаснување за тоа што се случи“, рече тој.