Според најновиот извештај на американскиот Национален одбор за безбедност при транспорт (НТСБ), падот на хеликоптерот во кој загина кошаркарската легенда Коби Брајант не бил предизвикан од откажување на моторот.
Сведок на инцидентот изјави за НТСБ дека хеликоптерот летал напред и надолу неколку секунди пред несреќата.
Пред една недела се дозна дека компанијата што го поседувала хеликоптерот Сикорски С-76Б немала дозвола за визуелно летање во посебни услови. Правилата за визуелен лет (VFR) се збир на прописи во воздухопловството според кои пилотот управува со леталото користејќи надворешни обележја без да се потпира на инструментите.
Иако пилотот Аjра Зобајан имал одобрување за специјален визуелен лет (СФВР) од воздушната контрола, тој немал правно овластување за таков режим на летање бидејќи авиокомпанијата во чија сопственост бил хеликоптерот не била лиценцирана да управува со СВФР.
Според тројца извори запознати со работата на „Експрес хеликоптери“, Сојузната американска администрација за авијација (ФАА) ја овластила компанијата да спроведе визуелен лет само со барање за видливост од најмалку 4,8 километри и облаци не помалку од 300 метри над земјата.
Иако на хеликоптерот имало софистицирани визуелни летачки инструменти одобрени од ФАА, на компанијата и било дозволено да лета само во услови на доволно добра видливост за визуелна навигација, а не во неповолни временски услови.
Конечниот извештај за несреќата може да се очекува по една година.
Инаку, Коби Брајант, неговата 13-годишна ќерка Џиана и уште седум патници загинаа во Калифорнија на 26 јануари кога хеликоптерот се сруши поради лоши временски услови.