Тајкуни бегаат од Србија – продаваат станови, изнесуваат милиони! Некогаш се колнеа во Вучиќ, а први му свртеа грб штом беа прогласени изборните резултати

by Тони Зографски

Многу тајкуни преку ноќ ја сменија страната и му свртеа грб на Александар Вучиќ, во кого се колнеа додека натрупуваа милиони евра од профитабилни зделки, дознава “Telegraf.rs”.

„Некои од нив веќе ја напуштија земјата, а некои допрва се подготвуваат да ги изнесат парите во странство“, вели добро упатен извор на весникот.

За вакво сценарио зборуваше и Александар Вучиќ во обраќањето по изборите.

„Сега од Србија ќе си заминат некои бизнисмени, некои луѓе, но нашата структура е многу цврста, ние сме многу единствени, многу силни, навикнати сме на опозиција. Повеќето од нас поминале повеќе време во опозиција отколку на власт“, изјави Вучиќ.

Според неофицијални информации што кружат на социјалните мрежи, во последните два дена е регистриран засилен авиосообраќај. Наводно, од аеродромот „Никола Тесла“ биле забележани полетувања на приватни авиони кон одредишта во Обединетите Арапски Емирати, Русија или даночни раеви каде што не мора да се докажува потеклото на имотот.

„Штом Вучиќ соопшти дека листата Обединета Србија убедливо ги загубила изборите, настана општа паника меѓу тајкуните. Поединци забрзано затвораат сметки, ја префрлаат сопственоста на фирмите на трети лица и се обидуваат набрзина да продадат луксузни недвижности во главниот град, особено во Белград на вода и на други ексклузивни локации“, прецизира соговорникот на „Telegraf”.

Тој додава дека станува збор за луѓе што стекнале огромно богатство во последните 14 години, а кои први решиле да го напуштат бродот.

„Тие и за време на предизборната кампања испраќаа сигнали до претставници на Студентската листа, но не добија конкретен одговор дали ќе бидат предмет на проверка на имотот. Некои дури нудеа големи пари за кампањата, под услов да останат целосно анонимни, со што се обидуваа да се обезбедат при двата можни изборни исхода. Меѓутоа, не е познато дали успеале во тоа.“

Саичиќ: Да се спречи изнесувањето капитал од земјата

Кандидатот на Студентската листа, академик Радомир Саичиќ, оцени дека во преодниот период при промената на власта во наредните месеци ќе биде особено важно да се спречи евентуалното изнесување капитал од земјата, изнесувањето документација или злоупотребата на институциите.

„Постои страв дека во месеците пред нас ќе има обиди за изнесување капитал, архиви и други работи. Затоа упатуваме предупредување до луѓето што се директори на јавни претпријатија и се на одговорни функции да не слушаат незаконски наредби од корумпирани шефови“, изјави Саичиќ во емисијата „Utisak nedelje“.

Изворот на „Telegraf.rs“ вели дека овој „салто мортале“ не го изненадил Вучиќ и дека станува збор за тајкуни што ги интересираат само парите.

„Прелетувачи отсекогаш имало и ќе има, особено кога се во прашање големи пари. Додека едни забрзано ја напуштаат земјата, други јавно ја поддржуваат победничката листа. Станува збор за челници на фирми што биле ангажирани на најголемите проекти и преку соработка со државните институции и установи заработувале незамисливи суми пари. Луѓето се расиплива стока, на што укажа и лично Вучиќ, свесен дека многумина ја поддржувале претходната власт од чист интерес“, заклучува соговорникот.

Јованов: Тоа се луѓе што се прилепуваат до секоја власт

Миленко Јованов, член на Претседателството на СНС и шеф на пратеничката група на оваа партија, изјави за „Telegraf” дека не е директно запознаен со бегството на тајкуните, но дека тоа не го изненадува.

„Веројатно веќе се случило, а ќе има уште такви случаи. Тоа не е неочекувано, нека си најде секој свое место. Тоа не се луѓе од партиските структури, па нивното отсуство не претставува некаква штета, туку луѓе што се прилепуваат до секоја власт, па така се прилепија и до нас. Исто како што ќе се прилепат и до новата власт. Такво нешто отсекогаш имало и ќе има, едноставно, таков е нашиот политички фолклор“, изјави Јованов.

останати вести