Д-Р ПАНОВСКИ: Ако се вакциниравме во јануари и февруари, ќе спасевме 1.000 животи

by Тони Зографски

Доктор Никола Пановски во вечерашното интервју на телевизија Телма рече дека во моментов не е многу важна брзината со која се вакцинира, тоа било важно во јануари и февруари.

„Сега не е битно дали ќе оди вакцинацијата брзо, бидејќи ситуацијата е мирна. Битно беше во јануари, во февруари да вакциниравме поголема бројка луѓе, да спасевме едно 1.000 животи. Да се спречеше тоа ширење. За мене сега побитно е да има квалитетни вакцини и до крајот на септември да бидат вакцинирани сите што сакаат и оние што се премислуваат. По моја проценка тоа ќе бидат околу милион луѓе, што би се вакцинирале до септември“, вели Пановски.

Според него, тој не очекува пандемијата да прекине одеднаш, туку да има спорадични епидемии некаде во светот.

„За несреќа, ние сме од тие земји што поминаа многу страшно. Сметам дека вирусот ќе се шири уште и тоа претежно во африканските земји. Очекувам да биде сезонска болест и претпоставките се дека ќе има ревакцини и понатаму. Исто така, очекувам да починат и факултетите и училиштата од 1-ви септември. Ќе видиме како ќе биде, самата состојба на терен ќе покаже“, потенцира Пановски.

останати вести