„EXIT“ најави стартување на фестивалот и во Македонија, планиран за 2023 година.
Како што е најавено, ќе претходи големата Get EXITed забава на 7 септември во Струмица, која во овој македонски град ќе донесе голем број познати меѓународни и регионални музички ѕвезди.
Наскоро ќе биде објавена целосната листа на изведувачи и локации, како и почетокот на продажбата на првиот контингент билети.
Со новиот фестивал, „EXIT“ во 2023 година ќе го зајакне своето веќе многубројно фестивалско семејство на дури десет члена во осум земји и ќе ја зајакне својата позиција како најголема фестивалска група во Југоисточна Европа.
„EXIT“ е најголемата организација на музичката индустрија во Југоисточна Европа чија мисија е „поврзување на регионите и промовирање на мирот, како и брендирање на дестинации и градење на нивниот препознатлив фестивалски имиџ“.
„Покрај матичниот фестивал, кој традиционално се одржува во Нови Сад повеќе од 20 години, „EXIT“ досега организираше бројни фестивали и големи концерти, како фестивалот No Sleep во Белград, Sea Dance и Ada Divine Awakening во Црна Гора, Revolution во Романија, Sea Star во Хрватска, Echowaves во Грузија, Festival 84 во Босна и Херцеговина, Sunland на плажата Перла во Бугарија, концерти на Роби Вилијамс и Мадона во Белград, Red Hot Chili Peppers во Инџија и многу други, а со Get EXITed забавата и фестивалот во 2023, на листата се приклучува и Македонија“, се наведува во соопштението.