Пирс Морган целосно го објави интервјуто со Кристијано Роналдо и истото беше емитувано на „Ток ТВ“, по што дознавме дека покрај спортските напади кон Ерик Тен Хаг, Вејн Руни, Гери Невил и Манчестер Јунајтед, Португалецот зборувал и за една чувствителна и болна тема за неговиот приватен живот.
Роналдо доживеа голем шок минатата сезона, бидејќи денот кој требаше да биде еден од неговите најубави во неговиот живот, се претвори во вистинска трагедија.
Едно од двете новородени близначиња почина за време на пораѓањето, а Роналдо открива дека најтешкиот момент бил кога тој и Георгина се вратиле со едно бебе во својот дом, наместо со две.
– Еден од најтешките моменти во мојот живот е кога се вративме од болница во мојот дом. Децата почнаа да прашуваат „каде е другото бебе“. Во тој момент, не можев да издржам, отидов во мојата соба и плачевме заедно со Кристијано Жуниор. Тој веднаш сфати, на останатите деца им беше потребно да го процесираат тоа бидејќи се доста помали. После една седмица, бевме искрени со нив и им кажавме дека „Анхел“, името кое му го одбравме сега е на небото во рајот.
– Ја чувам неговата пепел и е ставена веднаш до пепелта на мојот татко. Зборувам со нив и таму го пронаоѓам мирот, така станувам подобра личност, подобар татко. Разговарам со мојот починат син и со мојот починат татко, – открива емотивниот Роналдо.