Девојката на возраст од 23-години од Свети Николе заразена со коронавирус, починала како последица на хематолошката малигна болест. Таа се лекувала на Инфективната клиника во Скопје, но не се споделуваат детали за тоа колку време и со каква клиничка слика била примена. Од Министерството за здравство за „Макфакс“ велат дека станува збор за невакцинирана пациентка.
„Од УК за инфективни болести информираат дека станува збор за невакцинирана пациентка, со дијагноза non hockin limfom во одмината фаза од болеста и смртниот исход е последица на хематолошката малигна болест“, велат од МЗ за „Макфакс“.
Според официјалните информации, девојката имала тумор на лимфно ткиво. Како и дали состојбата се искомплицирала поради коронавирусот, нема одговор.
Пациентката е една од четирите починати лица со коронавирус, кои влегоа во денешната статистика со новите 770 заразени лица.
„ Во текот на изминатите 24 часа пријавени се 2 починати лица, од Свети Николе (23г) и Скопје (76г). Лицата се починати во болнички услови. Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од Мој Термин се регистрирани две починати лица од Радовиш (73г) и Крива Паланка (66г). Едно лице е починато во болнички, а другото лице во домашни услови. Лицата се пријавени за починати во период од 20.06.2022 -28.06.2022г“, стои во денешната статистика.