Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Мелатонинот е хормон кој природно се произведува во пинеалната жлезда во мозокот и го регулира циркадијалниот ритам на телото. Како суплемент најмногу се користи при проблеми со спиењето, сменска работа, промена на временските зони при патување. Последниве години е многу популарен, релативно е доста безбеден ако се зема во ниски дози (меѓу 0.5 и 5 мг.) за кратки и дури и за средни периоди, до 18 месеци.
Недостаток на мелатонин се поврзува со дебелина, може да биде корисен при хипергликемија кај луѓе со дијабетес. Го намалува оксидативниот стрес и го зголемува адипонектинот, хормон кој го намалува нивото на глукоза и ја зголемува разградбата на масти. Ја подобрува дислипидемијата.
Дополнителни корисни ефекти на мелатонинот се:
– регулација на метаболизмот и енергетскиот баланс
– антивоспалителни и имуномодулаторни ефекти
– директни и индиректни антиоксидантни својства, го намалува оксидативниот стрес
Преку 95% од мелатонинот што го произведува телото е преку изложување на кожата на инфрацрвена светлина.
Мелатонинот е хормон кој може да има непознати долгорочни ефекти. Негативни интеракции може да има кај особи со епилепсија и тие што земаат варфарин.
Проблемите со спиење се широко распространети и меѓу возрасните и кај младите (употреба на електронски уреди, социјални медиуми). Кога постои проблем со спиењето прво треба да се обрне внимание на хигиената на спиење.
Престанете да гледате телевизија или да користите компјутер еден час пред да легнете навечер. Светлината и изложеноста на сините и белите бранови должини (светлина која се емитува од компјутери, таблети, лаптопи) влијаат на продукцијата на мелатонин.
Навики кои природно ја зголемуваат продукцијата на мелатонин и го подобруваат општото здравје и спиењето:
– изложеност на инфрацрвена светлина – инфрацрвена светлина во сауна, прошетка на сонце преку ден
– сончева светлина во утринските часови најмалку 15 мин., ја регулира продукцијата на мелатонин, кога е светло продукцијата на мелатонин природно паѓа, спуштајќи го на нормално ниво за да се чувствувате будни преку ден и подобро да спиете ноќе
– спијте во темница – телото произедува и лачи мелатонин во темница, помага да заспиете и да останете во сон. Квалитетот на сонот е подобар ако има потполна темница, без светло од телевизор или друг извор
– ако станувате ноќе важно е да не уклучувате светла за да не се прекине производството на мелатонин
– намалете го нивото на стрес и кортизол – ослободувањето на мелатонин зависи од ослободување на друг хормон, епинефрин. Стресот и ослободувањето на кортизолот го инхибира ослободувањето на норепинефрин и така и ослободувањето на мелатонин. Пред спиење помага активност која ќе ве смири, јога, медитација, истегнување.
– храна богата со магнезиум (со мелатонинот ја намалува активноста на мозокот во текот на ноќта) помага да се релаксирате и полесно да заспиете. Бадеми, индиски ореви, семки од тиква, зелен лисен зеленчук.
Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Цент