ЗОРАН МИХАЈЛОВ
Не е тајна и нема да кажам ништо ново, ако ја повторам веќе познатата констатација дека Битола е поднебје во кое се раѓаат фудбалски таленти. Од градот под Тумбе Кафе многу фудбалери, откако ќе ја почнеа својата кариера најчесто во Пелистер заминуваа во поголеми клубови и таму ја доживуваа својата вистинска афирмација. Еден од оние, кои оставија силна трага во македонскиот фудбал е секако Драган Канатларовски-Цапар. Тој во почетокот од кариерата, кога почна да тренира со младинците на Пелистер минуваше низ еден трнлив пат, полн со искушенија. Причина за тоа, пред сѐ беше фактот што живееше во Цапари, а тренираше во Битола. Така, понекогаш одвај успеваше да стигне навреме на тренинг.
– Тоа беше навистина еден тежок период во мојот живот. Од една страна чувствував дека имам квалитети да се развијам во добар фудбалер, а од друга страна, пак, за разлика од моите врсници многу потешко и со речиси двојно поголем напор од нив, најмногу поради секојдневното патување, можев да одговорам на обврските. Така, минувајќи ги младешките денови во една, би рекол, трка за да стигнам навреме на тренинг, еднаш се случи и да задоцнам. Тоа беше пред едно патување на младинците на Пелистер на еден турнир, па тренерот не сакајќи ниту да ме сослуша ми рече дека поради несериозното однесување (!) и доцнењето – за мене тренингот е завршен, а со тоа отпадна и моето учество на турнирот. Бев многу разочаран, не можев да се помирам со она што ми се случи, а верувајте до автобуската станица дојдов со трчање, но не успеав да го фатам автобусот, кој веќе беше заминат. Потоа со трчање се упатив кон Битола и со мало задоцнување, сепак, стигнав на стадионот под Тумбе Кафе. Но, сето тоа беше залудно. Тренерот веќе ја имаше донесена одлуката да ме казни – се сеќава Канатларовски.
Канатларовски во тие мигови на очај решава да се раздели од Пелистер и му пристапува на вториот битолски клуб Транскоп. Тука, во една порелаксирана атмосфера вредно тренира и набрзо настапува за првата екипа.
– Она што ми се случи во Пелистер можеби беше и добро за мојата натамошна кариера. Во Транскоп добив вистинска шанса, а истовремено настапував и за екипата од Цапари. Така, се случуваше во еден викенд да имам и по два натпревара, што за еден млад фудбалер е од голема корист – рече Канатларовски.
ВРАЌАЊЕ НА ГОЛЕМА ВРАТА
По првата година во Транскоп во натпреварувачката сезона 1979/80 и по константно добрите и квалитетни игри, тогашниот тренер на Пелистер и едно од најголемите фудбалски имиња на Битола и на Македонија, Наум Бутевски, го враќа Канатларовски во Пелистер. Но, овој пат популарниот Цапар доаѓа во клубот, не како неискусно „јуниорче“, туку на „голема врата“ како играч што треба да биде засилување за екипата.
– Од тие моменти почнува мојот вистински фудбалски живот. Во тој период и на кормилото на Пелистер имаше промена, на местото на Бутевски за тренер дојде Жарко Недељковиќ, еден од учениците на Милјан Милјаниќ. И од него имаше што да се научи, па така користејќи го искуството од едниот и од другиот, го земав она што сметав дека најмногу ќе ми користи. Истите тие искуства ми помогнаа и многу години подоцна, кога почнав професионално да се занимавам со тренерската работа – вели Канатларовски.
Инаку, Канатларовски најмногу се сеќава на своето деби во Пелистер, и тоа против лутиот ривал Победа, која во тој период беше една од најстандардните и најквалитетни екипи во Втората лига. Прилепчаните во своите редови имаа неколку врвни фудбалери – Магдески, Манески, Глигороски, Рубин Георгиоски, Сусулески. Сите тие мајстори на фудбалската игра, кои неколку години ги одушевуваа гледачите и го одржуваа квалитетот на прилепскиот фудбал.
– Натпреварот се играше во Прилеп, а на трибините имаше околу 15.000 гледачи. Замислете како се чувствував во тие моменти. Тоа беше нешто прекрасно, нешто за што сонував уште кога почнав да играм фудбал – продолжува популарниот Цапар.
Од тој период во сеќавање на Канатларовски му остана и четвртфиналниот меч од југословенскиот куп против Сараево.
– Сараевчаните во своите редови ги имаа репрезентативците Хаџибегиќ, Пашиќ, Мусемиќ, Мердановиќ, а ние успеавме да ги совладаме со 4-1 и да се пласираме во полуфиналето на Купот. Тоа беше вистинско изненадување, дури и сензација за фудбалскиот свет. Но, ете успеавме и победивме – вели тој.
КОНЕЧНО ВО ВАРДАР
Настапите во Пелистер во следните пет години беа импресивни, па така за Канатларовски се заинтересираа повеќе клубови. Тој имаше понуда и од Вардар во 1982 година. Во меѓувреме имаше и 14 настапи за аматерската репрезентација на Југославија, која ја сочинуваа фудбалери од второлигашките екипи, па така често им беше и на „окото“ на менаџерите.
– Бев свесен дека во нашиот најпопуларен фудбалски клуб не ќе можам да заиграм и да ја имам потребната минутажа, бидејќи на мојата позиција Вардар го имаше легендарниот капитен Кочо Димитровски. Затоа, решив да не ја менувам средината. Останав во Пелистер и дури во 1985 година заминав во Вардар. Но, пред ова доаѓање му претходеа настани како на филмска лента. Прво имав покана од Црвена звезда и отпатував во Белград. Во меѓувреме ми се јави еден ресенчанец, кој работеше како менаџер на Хајдук, и ми рече дека сплиќаните се многу заинтересирани за мене, дури се готови да ми понудат и повеќе од она што го нуди Звезда. Така, пред да го потпишам договорот со белграѓаните тој просто ме киднапира и двајцата заминавме за Сплит. Овде се договорив за сите детали околу трансферот, а добив и пари. Но, откако сѐ беше готово се јавија луѓето од Вардар и ми рекоа дека морам да дојдам во Вардар. Едноставно тоа како да беше директива од политичките структури да останам во Македонија и да заиграм во скопскиот прволигаш. Немав избор – им се извинив на луѓето во Сплит, земените пари ги вратив и потпишав за Вардар. Морам да кажам дека воопшто не се покајав за мојата одлука, зашто Вардар беше вистинска средина во која сите дишевме како еден. Другарството беше на највисоко ниво, а што е интересно најмладиот меѓу нас Дарко Панчев, беше предводник на генерацијата, која во 1987 година предводена од Дончевски ја освои титулата во поранешна Југославија. Претходно во Вардар тренери ми беа Илија Димовски и Вукашин Вишњевац, кој, пак, нѐ водеше и во оние две средби од Купот на УЕФА, во кои на почетокот го елиминиравме Динамо од Букурешт, но во второто коло бевме поразени од Данди – вели Канатларовски.
ВО „ПЕКОЛОТ“ НАРЕЧЕН ЦРВЕНА ЗВЕЗДА
По сите тие игри немаше дилема дека Канатларовски може да избира во кој клуб да ја продолжи кариерата. Сепак, тој се реши да замине во Црвена звезда, која уште кога почнуваше да игра фудбал беше негов сон.
– Во 1989 година отидов во Црвена звезда, би рекол во еден вистински „пекол“. Конкуренцијата беше силна, а јас ја имав улогата на последен играч за врска во дефанзивата. Составот на Звезда беше стравотен – Стојковиќ-Пикси, Савичевиќ, Просинечки, Панчев, Најдоски, Маровиќ, Лукиќ, Дризиќ и Белодедиќ, кои беа недопирливи, а на клупата беше еден Шабанаџовиќ, за подоцна на позицијата на која играв јас да дојде и Зоран Вујовиќ. Во една таква ситуација секој тренинг за мене беше како натпревар. Немаше олабавување, мораше да се „гази“. И во една таква ситуација имав солидна минутажа и среќен сум што таа година Црвена звезда ја освои двојната круна, шампион и победник на Купот. Единствено жалам што не настапив во финалето на Купот, зашто неколку дена претходно во прволигашката пресметка со Спартак се повредив – вели Канатларовски.
Бранејќи ги боите на Црвена звезда на Канатларовски во најубав спомен ќе му останат дуелите со Партизан и мечот од тогашниот Куп на европските шампиони со Жалгирис.
– Ги победивме Литванците со 4-1, а јас бев стрелец на еден гол. Подоцна, за жал, несреќно бевме елиминирани од Келн. За мечевите со Партизан имав среќа да бидам актер во четири пресметки, од кои посебно ја паметам онаа од Купот, кога со голот на Лучиќ победивме со 1-0, а на трибините на „Маракана“ имаше рекорден број гледачи, околу 100.000, дојде до вистинска ерупција од одушевување. Еден ваков настап навистина не се заборава – носталгично се сеќава Цапар на таа средба.
Потоа, патот го водеше во Шпанија. Таму две години настапуваше за Депортиво ла Коруња, со која екипа успеа да влезе во Првата лига. Тогаш Јохан Кројф изјави дека во Шпанија има двајца фудбалери кои се мајстори за упатување прецизни долги пасови – Шустер и Канатларовски. Ова беше навистина голем комплимент за нашиот интернационалец. На 33-годишна возраст, по две години во Шпанија, Канатларовски почувствува дека е време да се врати дома и тука да ја заврши кариерата. Доаѓа во Пелистер, но се разочарува.
– Моето искуство како воопшто да не им беше потребно, па затоа повторно заминав, овој пат во Турција, во тимот на Каршиака од Измир. Откако го почувствував турскиот фудбалски амбиент, тежнеев да се вратам во Македонија, но не во Пелистер, туку во Победа, во која тренер беше легендарниот Кирил Дојчиновски – вели тој.
Откако Македонија стана самостојна држава и формира своја фудбалска репрезентација, Канатларовски одигра 12 натпревари за националниот тим. Тој беше актер во победата со 4-1 и стрелец на еден гол во оној прв натпревар против Словенија во Крањ, во1993 година. Потоа Драган Канатларовски заплови во тренерските води. Беше на кормилото на неколку наши клуба – Вардар, Победа (во три наврати), Куманово, Беласица, потоа работеше во Србија, Бугарија, БиХ и во Ц. Гора. Своите стручни квалитети ги манифестираше и како селектор на Македонија, и тоа во два наврата 1999-2001 и 2003-2005 година.
Драган Канатларовски
Роден: во 1960 година во Битола
Кариера: Транскоп, Пелистер, Вардар, Ц. звезда, Депортиво ла Коруња, Победа, репрезентација на поранешна Југославија (аматерска А и Б-селекција на поранешната држава), репрезентација на Македонија
Успеси: Првак со Вардар и со Ц. звезда, освоен куп со Ц. звезда
Тренерска кариера: Вардар, Победа, Пелистер, Беласица, клубови во Србија, Ц. Гора, БиХ и во Бугарија.
Успеси: Селектор на сениорската репрезентација на Македонија во два наврата, на 39 средби на кормилото на националниот тим.
Селектор
Драган Канатларовски во два наврата ја доби довербата од водечките луѓе на ФФМ да го води сениорскиот национален тим. Тој прво беше селектор по заминувањето на Ѓоко Хаџиевски, кон крајот на минатиот век. На оваа позиција остана речиси две години, за повторно да се врати во селекторската фотелја во 2003 година и да остане во неа две години.
– Се случуваа интересни работи во тој период. Прво луѓето ќе те убедуваат да дојдеш за селектор, а потоа ќе почнат да роварат за што побрзо да те сменат. За жал, така беше и со мене, но, сепак, останаа убавите спомени од тој селекторски период. Посебно сум задоволен од онаа игра што ја прикажавме против Холандија, кога ремизиравме 2-2, а во сеќавањето ми е и мечот со Англија, кој го загубивме со 1-2 по еден сомнително досуден пенал – вели Канатларовски кој сега е селектор на младата репрезентација до 21 год.