Трагичната смрт на аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала ја потресе јавноста пред 3 години, а сега се познати нови резултати од истрагата.
Сала на 19-ти јануари 2019 година потпиша голем трансфер од Нант во Кардиф Сити, вреден 15 милиони фунти, а по потпишување на договорот отпатува со приватен авион во Франција, од каде 2 дена подоцна требаше да се врати во Кардиф. Меѓутоа, поради лошото време, авионот се сруши, а Сала го загуби животот заедно со пилотот.
Минатата недела, патологот Базил Пердју кој ја објави обдукцијата соопшти дека Сала починал од повеќе повреди на главата и градниот кош, но сега пристигнаа нови информации. Имено, два примероци од крвта земени од телото на аргентинскиот фудбалер покажуваат дека пред смртта бил отруен со јаглерод-моноксид.
Пердју потврдил дека фудбалерот бил во длабока несвест во моментот на падот на авионот во морето бидејќи имал заситеност на крвта со јаглерод-моноксид од дури 58 отсто, што го опишал како тешко труење.
Обдукцијата покажала дека Сала најверојатно веќе бил онесвестен поради труењето пред авионот да падне во морето, но повредите на главата и градниот кош биле опасни по живот. Труењето со јаглерод-моноксид веројатно било предизвикано поради дефект на издувниот систем на авионот.