Министерството за здравство соопшти дека 30-годишниот пациент од Велес, кој вчера е меѓу починатите од Kовид -19, била жена во петтиот месец од бременоста, која била позитивна на ковид и примена на Инфективната клиника. Но, според Министерството за здравство, по девет дена од лекувањето, состојбата ѝ се влошила. И покрај дадената терапија, младата жена развила многу тешка форма на бронхопневмонија и била поставена на механичка вентилација, по што била префрлена на Клиниката за анестезија и реанимација, каде понатаму е лекувана. Но, и покрај дадената терапија, состојбата постојано се влошувала и пациентката во текот на вчерачниот ден починала.
Исто така 32-годишниот битолчанец кој вчера почина од ковид-19, и покрај тоа што бил во тешка состојба, одбил да биде хоспитализиран, а имал хронично заболување и не бил вакциниран. Тој имал заболување на црниот дроб и прекумерна тежина.
„Позитивен е од 18.01.2022, прв преглед направен ден претходно кога одбивал хоспитализација, во тешка општа состојба со ниска сатурација. На негово барање примен во дневна болница на 18.01., но поради екстремно тешка состојба задржан вечерта во болница, дадена соодветна терапија и кислородна поддршка. Биле преземени реанимациски мерки, но почина денес во раните утрински часови“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.