Епидемиологот Драган Даниловски преку Фејсбук категорично негира дека прифатил да биде дел од Комисијата за заразни болести (КЗБ).
– Не прифаќам било чиј предлог за членување во Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Овој мој став се темели на свесноста дека Комисијата за заразни болести никогаш не може автономно да функционира, колку и да се трудат членовите така да биде!
Зошто? Затоа што таа претставува само советодавно тело на Министерот за здравство. Таа нема ингеренции да носи извршни одлуки, туку само заклучоци, кои му ги предлага на Министерот. Тој може, ама не мора, да ги прифати. Крајната одлука е само негова и би требало да биде извршна, пишува д-р Даниловски во објава на Фејсбук.
Според него, ниту одлуките на министерот во тек на пандемијава не се извршни.
-Треба да поминат на Кризен штаб при Владата – евентуално да се модифицираат (влијание на политика!) – и дури потоа формално да се прифатат од Владата, посочува докторот и додава дека во таков амбиент, за него е неприфатливо да ја жртвува својата автономија.
– Останувам со автономен, независен статус како досега – член на универзитетската заедница – и продолжувам да функционирам волонтерски во врска со сѐ што значи стручна помош секому што ќе ми се обрати: Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство – но, пред сѐ, на граѓаните, потенцира епидемиологот.