Мултимилијардерот и основач на „Мајкрософт“ Бил Гејтс на својот официјален профил на Твитер ѝ одговорил на претседателката на глобално здравје на Универзитетот во Единбург – Деви Сридхар, на прашањето како и кога ќе заврши пандемијата на коронавирусот.
„Како што земјите ќе ги доживуваат своите бранови на омикрон сојот, нивните здравствени системи ќе бидат пред нов предизвик. Поголем дел од тешките случаи ќе бидат невакцинираните луѓе. Кога омикрон еднаш ќе помине низ земјата, тогаш во останатиот дел од годината би требало да има многу помалку случаи, така што Ковид-19 би можел повеќе да се третира како сезонски грип“, напишал Гејтс.
Изјавата на Гејтс потсетува на изјавата на д-р Ентони Фаучи, врвниот американски експерт за заразни болести, кој оваа седмица изјавил дека омикрон сојот на коронавирусот „ќе го стигне речиси секој“.
Меѓу природниот имунитет кој се создава од заразата и прележување на Ковид-19 и многу високата стапка на вакцинирани и сите достапни лекови за лекување на најтешките случаи на Ковид-19, САД можеби е на раб на преминување од пандемија во ендемија.
„Можеби сега сме на прагот на тоа. Можно е“, изјави д-р Фаучи.