Експертите велат дека е можно двете варијанти на ковид и Делта и Омикрон да го нападнат организмот истовремено. Тие појаснија дали ова е опасно и дали во тој случај симптомите се различни.
Варијантата омикрон брзо се шири низ светот. Во некои земји веќе стана доминантен, а во други „владее“ истовремено со сојот делта.Има одредени разлики помеѓу овие соеви кога се во прашање симптомите, подносливоста и слично, но логичното прашање што се поставува е – дали е можно човек да се зарази и со делта и со омикрон истовремено?
Накратко – да! Иако тоа ретко се случува, експертите велат дека досега се забележани најмалку три случаи кога едно лице било истовремено заразено со двете варијанти.
Научниот документ, кој беше претставен на Европскиот конгрес за клиничка микробиологија и заразни болести минатото лето, го презентираше случајот на 90-годишна жена од Белгија, која имаше и алфа и бета варијанта на корона вирусот. Откако доби „многу позитивни“ резултати откако беше тестирана за САРС-КоВ-2, понатамошното тестирање утврди дека има два вида на вирусот во нејзиното тело. Таа беше хоспитализирана и, за жал, почина пет дена подоцна
Исто така, забележани се и случаите на двајца пациенти од Бразил, на возраст од триесет години, кои исто така имале двојна инфекција, И двајцата имаа благи симптоми, вклучувајќи сува кашлица, болки во грлото и главоболка. Досега не е регистриран случај на истовремена инфекција со делта и омикрон, но експертите велат дека тоа е можно
-Тоа е апсолутно можно од молекуларна гледна точка, вели д-р Томас Русо, професор по заразни болести на Универзитетот во Бафало. Со него се согласува и експертот за заразни болести од Медицинскиот центар Џон Хопкинс, д-р Амеш А. Адаља.
Како е можна инфекција со омикрон и делта
„Замислете дека сте во кафеана каде што има многу заразени луѓе. Ако некој има омикрон, а некој делта, сите испуштаат заразни честички во воздухот, изложувајќи ве на двете варијанти. На тој начин можете да се заразите со двете варијанти “, вели д-р Русо.
Тој објаснува дека омикронската варијанта инфицира одредени клетки во телото, а варијантата делта заразува други клетки.
„Кога вирусот ќе влезе во телото, нема да ги инфицира сите клетки. Така, при коинфекцијата, различни соеви се врзуваат за различни клетки во исто време.
Како да препознаете инфекција со омикрон и делта
Експертите велат дека во повеќето случаи, луѓето не знаат дали се заразени со различни видови на короната во исто време. Причината за тоа е што тестовите автоматски не препознаваат варијанта на вирусот и не се работи за секвенционирање на геномот за секој позитивен тест за да се утврди за која варијанта се работи.
Исто така, дури и по самите симптоми не може со сигурност да се каже кој сој го нападнал организмот и дали има еден или повеќе соеви.
„Не очекувајте ни „двојни“ симптоми“, вели професорот по епидемиологија д-р Стенли Вајс, додавајќи дека истовремената инфекција на двете варијанти ќе даде симптоми типични за ковид.
Експертите секако советуваат вакцинација, а д-р Русо вели дека тоа го намалува ризикот од инфекција, вклучително и од коинфекција.