ВАША ОРДИНАЦИЈА: Колку се успорува метаболизмот со возраста?

by Тони Зографски

Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска

интернист-нефролог

ПЗУ Промедика Медикал Центар

Метаболизмот е процес на претварање на храната во енергија која телото ја користи. Успорениот метаболизам и зголемувањето на тежината со годините може да бидат фрустрирачки и да водат до здраствени проблеми.

Консултација со доктор може да открие дали причина за успорување на метаболизмот е некоја медицинска состојба како намалена функција на тироидната жлезда (хипотироидизам), Кушингов синдром, синдром на полицистични овариуми.

Но исто така успорениот метаболизам со годините и порастот на тежината може да водат до здраствени проблеми

Кога се успорува метаболизмот?

После 30-тата губењето на тежината не е толку лесно како порано, особено ако не сме физички активни.

На 40 години телото почнува природно да губи мускулна маса, процес наречен саркопенија. Дури и со физичка активност сепак телото ќе изгуби одредена мускулна маса. Масното ткиво кое почнува да се таложи исто така го успорува метаболизмот.

Хормоните и генетиката влијаат на брзината на успорување на метаболизмот. Секоја особа има различна мешавина од хормони и гени и тешко може да се предвиди стапката на успорување на метаболизмот. Гените одредуваат колку мускули имаме, нивната големина и способност за растење. Ова влијае на метаболизмот, помала мускулна маса значи побавен метаболизам.

Со возраста метаболизмот се успорува поради:

Губитокот на мускулната маса што се јавува со стареењето влијае на намалување на стапката на согорување на калории.

Помалата физичка активност со возраста допринесува за успорување на метаболизмот и пораст на тежината. Ако не се вежба се губи 3-5% мускулна маса секоја декада.

Полот исто така влијае на метаболизмот. Мажите имаат побрз метаболизам бидејќи имаат поголема мускулна маса, потешки коски и помалку масно ткиво.

Промените во животниот стил и здравите навики кои се добри за метаболизмот може да помогнат.

Вежби за сила – градење мускулна маса со дигање тежини помага повеќе калории да се согорат кога сме во мирување. Повеќе мускулна маса води до побрс метаболизам.

Аеробични вежби – помагаат за согорување на калории. Пешачење, трчање, пливање, планинарење.

Балансирана исхрана

Внес на доста течности, вода, зелен чај

останати вести