Светската здравствена организација (СЗО) издаде предупредување пред Божиќните празници поради забрзаното ширење на варијантата „омикрон“ на коронавирусот.
„Подобро е да се откажат собирите отколку да се откажеме од животот“, рече лидерот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус на прес-конференција, додавајќи дека „треба да се донесат тешки одлуки“.
„Во некои случаи, тоа ќе значи откажување или одложување собири и настани“, рече тој.
„На сите ни е преку глава од оваа пандемија. Сите сакаме да поминуваме време со пријателите и семејството. Сите сакаме да се вратиме во нормален живот“, рече тој.
Кога ќе заврши пандемијата?
„Најбрзиот начин да се постигне ова е да се донесат тешки одлуки за да се заштитиме себеси и другите“, додаде тој.
Тедрос додаде дека пандемијата може да заврши оваа година доколку 70 отсто од населението во секоја земја во светот се вакцинира до средината на годината.
Изјавата на лидерите на СЗО доаѓа во време кога здравствените експерти тврдат дека „омикрон“ станал доминантен вид меѓу новите случаи на инфекција во Соединетите држави.
Цврсти докази
„Сега има силни докази дека „омикрон“ се шири значително побрзо од варијантата „делта“. И луѓето кои биле вакцинирани и оние кои се опоравиле од коронавирусот имаат поголема веројатност да бидат заразени или повторно заразени“, рече Гебрејесус.
Голем број земји, вклучително и Франција и Германија, ги зајакнаа ограничувањата и воведоа ограничувања за патување во обид да го забават ширењето на новата варијанта. Холандија воведе строга блокада што ќе трае за време на божиќните празници.
Белата куќа вчера соопшти дека претседателот Џо Бајден не планира да воведе заклучување, а водечкиот американски експерт за заразни болести, Ентони Фаучи, претходно предупреди дека божиќното патување може да го забрза ширењето на „омикрон“ дури и кај целосно вакцинираните.
Главниот научник на СЗО, Соумја Сваминатан, рече дека варијантата „омикрон“ успешно избегнува некои одговори на имунолошкиот систем, што значи дека „бустер“ дози од вакцината треба да се даваат на луѓе со послаб имунолошки систем.