По низата недоразбирања околу тоа кои кеси се забранети за употреба со новиот Законот за управување со пакување и отпад од пакување, Министерството за животна средина и просторно планирање денеска објави појаснување.
Според него, од 1 декември 2021 година се забранува пуштање на пластични кеси за носење на стоки за еднократна употреба на пазарот во земјава.
– Дозволено е пуштање на пазарот на територијата на земјата само на биоразградливи кеси за носење на стоки што се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост објавени во Правилникот за стандардите за биоразградливост што треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење на евиденција („Сл весник на РСМ“ 265/2021) – велат од Министерството за животна средина.
Надоместок од 15 денари се наплаќа за пластични кеси за носење на стоки кои се задолжително биоразградливи, се кесите што секојдневно се даваат на каса (на местото на продажба) при купување во мини маркети, супермаркети, гранапи, пиљарници, мали продавници за секојдневни намирници, пекарници, киосци, киосци за брза храна, зелени пазари, бензински станици со минимаркети.
– Под биоразградливи се подразбира дека до 1 јуни 2023 може да се пласираат оксо-биоразградливи кеси (МКС 1009) кои беа од 2013 година задолжителни. По 1 јуни 2023 задолжително се пласираат кеси кои се изработени од материјал кој може да се разгради (како и секој органски материјал од вода, јаглерод диоксид и биомаса – стандард МКС EN ISO 17556: 2020) – појаснуваат од Животна средина.
Министерството за животна средина појаснува и дека многу лесните пластични кеси за носење на стоки се целосно забранети.
Надоместок од 15 денари не се плаќа за пластични кеси за носење на стоки и не подлежат на стандардите за биоразградливост се оние кои се даваат на потрошувачите на каса (на местото на продажба) во продавници каде се продаваат стоки што не се за секојдневна општа употреба како книги, облека, обувки, алати, електрична и електронска опрема, продавници за покуќнина, занаетчиски дуќани, за сувенири, уметнички галерии, за козметички производи, аптеки (земјоделски, за медицински помагала и сл.).
– Овие кеси се препорачува да бидат подебели (над 50) како би можеле да се употребуваат повеќекратно и да се отстранат во контејнерите за пластика (жолт контејнер) од каде би се однеле на рециклажа во локалните компании за рециклирање и кај самите производители на пластични кеси кои повторно од нив би направиле нови кеси – појаснуваат од Животна средина.
Од Министерството велат дека кесите за ѓубре не претставуваат кеси за носење на стоки и не се опфатени со овие мерки.
-Идејата е во овие почетни мерки да се опфатат субјектите што тргуваат со стока за секојдневна широка и најмасовна потрошувачка, за подоцна да се примени и во останатите места за продажба – велат од Министерството за животна средина.