Рускиот препарат против коронавирусот „Мир 19“ ќе биде ефикасен против новиот сој омикрон, соопштила директорката на Федералната биомедицинска агенција (ФМБА), Вероника Скворцова.
„Си поставивме задача да направиме антивирусни етотропни високоспецифични препарати кои би останале универзални дури и во случај на нови мутации на вирусот“, вели Скворцова. „Нашиот институт за имунологија направи таков препарат – Мир 19“, додаде таа.
На прашањето дали „Мир 19“ е ефикасен во лекувањето од сојот омикрон, директорката на ФМБА одговорила потврдно.
Според неа, ќе бидат потребни околу девет дена за ФМБА да направи тест за откривање на новиот сој.
Воедно, таа посочи дека втората фаза од клиничките испитувања на тој препарат ја покажува својата предност во однос на постоечките препарати против Ковид-19.
„Втората фаза од клиничките испитувања ја потврди многу веродостојната предност на овој антивирусен лек – не во однос на плацебото, туку на стандардната терапија што пациентите ја примаат во болницата“, истакнала Скворцова за телевизијата „Русија 24“.
Претходно, рускиот центар за директни инвестиции (РФПИ) објави дека Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ почнал да работи на нова верзија на вакцините „Спутник V“ и „Спутник лајт“ против новиот сој омикрон.