Гинекологот Николче Дамчевски имал упатен акт за издржување на казна затвор уште на 14.11.2018 година, кога е побарано од МВР да се утврди неговата достапност. До овој момент Судијата за извршување на санкции нема никаков одговор од МВР, потврдија за НОВА од Основниот суд 1 во Скопје.
Од Судот велат дека на Дамчевски му биле одредени и мерки на претпазливост, му бил одземен пасошот кои важеле до правосилноста на пресудата и до овој момент никој не побарал тие да се укинат.
„По правосилноста на пресудата односно, откако предметот бил потврден и преиначен во делот на казната од Апелациониот суд Скопје и истиот е доставен до судија за извршување на санкции изготвен е упатен акт за обвинетиот да се јави на издржување на казната затвор, а на 14.11.2018 година побарано е од МВР да се утврди неговата достапност за што до овој момент не е добиен одговор“, се вели во одговорот од Основен суд 1-Скопје. Од таму најавија и пошироко соопштение за јавноста поради големиот притисок и барање одговор од медиумите.