Српскиот епидемиолог Бранислав Тиодоровиќ изјави дека најверојатно на пролет ќе се препорача и четврта доза од вакцината против коронавирус.
Тиодоровиќ за денешен „Блиц“ изјави дека имунизацијата против коронавирус во иднина може да се врши двапати годишно.
„Делта плус сојот почнува да има негативни ефекти во Европа, бројот на заразени се зголемува, а имаме примери на земји кои беа релативно мирни, како Холандија и Данска, да имаат зголемување на бројот на новозаразени. И Германците се во проблем“, кажа тој.
Епидемиологот смета дека бројот на новозаболени во Србија ќе продолжи да се намалува, но посочи дека тоа зависи од граѓаните.
„Можно е да продолжи трендот на намалување на бројот на заразени, бидејќи сега постои таа доза на сериозност кај народот. Кога бројките растат и луѓето се однесуваат посериозно, кога бројките паѓаат, тие се опуштаат, а тоа не треба да биде така“, нагласи тој.