Еден месец откако фармацевтскиот гигант Merck и Ridgeback Biotherapeutics објавија дека создале лек против КОВИД 19 кој ги намалува хоспитализацијата и смртноста кај 50 отсто од пациентите, „Фајзер“ исто така објави дека нивната пилула против КОВИД, во комбинација со лек за ХИВ, ја намалува веројатноста за хоспитализација и смртни случаи за 89 отсто.
Процентот се однесува на возрасни лица со ризик од тешки компликации. Оваа комбинација на лекови го забавува метаболизмот, овозможувајќи му на антивирусниот лек да делува подолго во телото.
Директорот на „Фајзер“ Алберт Бурла изјави дека пред американскиот Ден на благодарноста, на крајот на овој месец, ќе достави податоци за терапијата.
Членот на одборот на директори на „Фајзер“, д-р Скот Готлиб изјави за CNBC дека пандемијата на коронавирус во Америка може да заврши до 4 јануари, кога ќе стапи на сила мерката на администрацијата на Бајден дека сите на работните места мора да бидат вакцинирани, во секоја компанија со најмалку 100 вработени.
Маски во затворен простор
Дотогаш, околу 84 милиони работници мора да добијат втора доза од вакцината „Фајзер“ или „Модерна“, или единечна доза од вакцината Џонсон и Џонсон, или ќе мора редовно да се тестираат за коронавирус.
Од почетокот на декември сите невакцинирани работници мора да имаат маски во затворен простор. Компаниите нема да плаќаат за тестови или маски на своите работници, а компанија која нема да ги почитува правилата ќе плати казна од 13.000 до 136.000 долари.
Готлиб објасни дека новиот лек на Фајзер не може да се смета за замена за вакцината и рече дека вакцините се потребни за да се стави крај на пандемијата, дури и со ефективни таблети.
Тој посочи дека лековите против Ковид може да помогнат во лекувањето на случаи на болести кај лицата со висок ризик.
„Кога имате терапевтски лекови кои се толку ефикасни, тоа може да биде спас за луѓето кај кои вакцините не делуваат. Тоа е пат до заштита од сериозни болести и смрт“, изјави Готлиб за CNBC.