Во Кривичниот суд денешното рочиште за случувањата на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија, продолжи со исказот, во негова одбрана, на обвинетиот Стефан Младеновски, кој, според исказот, добивал наредби од обвинетиот Александар Василевски- Нинџа.
Објасни дека кога на чело на Управата за безбедност и контраразознавање бил назначен Владимир Атанасовски, за тоа дознал од Нинџа во септември, кој му кажал, како што наведе „дека тоа е негов човек и може да прави што сака“.
– Со Нинџа и неговите луѓе се среќавав на партиските собири заедно со мојот брат и ме запозна со лицето Прскач од УБК. На првиот ден од протестите пред ДИК, Нинџа не викна во кафиќ на кеј во Скопје. Кога пристигнав со мојот брат таму беше лицето Прскач, во тоа време началник или заменик-началник во петта управа. Нинџа ни кажа дека ако ДИК ги одбие приговорите на ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да се упадне во ДИК и да се фрли молотови коктели. Таму беа неговите луѓе, кои добар дел беа вработени во неговиот кафич или кладилницата, раскажува Младеновски.