Децата вообичаено имаат асимптоматски лсучаи на коронавирусот, но тоа се баш такви случаи кои се значајни во трансмисијата на вирусот во рамките на семејството – вели проф. д-р Владислав Вукомановиќ, педијатар, кардиолог и директор на Институтот за мајка и дете.
Тој во изјава за ТВ Прва, вели дека посебно загрижува тоа што кај децата се јавуваат пост ковид симптоми кои може да траат и до шест месеци.
„Порано тоа и не беше некој голем проблем, меѓутоа се’ почесто, дури и оние деца кои имале асимптоматски случај, страдаат од несоница, имаат намалена концентрација, болки во градите и умор по искачување на четири до пет скали“, вели д-р Вукомановиќ за ТВ Прва.
Според него, постковид може да потрае и до шест месеци.
„На децата им се советува постепено зголемување на физичката активност, како и да продолжат да ја земаат витаминската терапија која ја земале во текот на болеста“, додаде Вукомановиќ.
Тој посебно нагласи дека имал петнаесетгодишен пациент со тешко воспаление на белите дробови, без коморбидитети без никакви ризик фактори, а развил клиничка слика која е карактеристична за возрасните.
„Тоа покажува дека болеста донекаде се менува, делта сојот има некои свои особености, а кај адолесцентите и помладите, процентот на вакцинација е најмал“, додаде докторот.
Тој истакна дека постои недоверба дури и во стандардната процедура за вакцинација на деца која се одвива со децении наназад.