Околу 1.000 новозаразени од коронавирус кои се тестирале вчера ќе има и денес, потврди министерот за здравство, Венко Филипче.
Истовремено, се отвораат нови ковид-одделенија во болниците, бидејќи се зголемува и бројот на хоспитализирани. Притисокот во тетовската Општа болница се намалил во текот на вчерашниот ден, но се очекува да се види каква ќе е ситуацијата денес.
„Денеска има околу 1.000 новодијагностицирани случаи. Во текот на вчерашниот ден беше целосно во функција ставено инфективното одделение во болницата 8 септември. Има уште слободни кревети, но обезбедуваме простор во делот на интензивната нега. Од вчера, од попладневните часови, целосно во функција се стави и модуларната болница до Инфективната клиника. Има кадар од другите клиники, медицински сестри и помошен персонал. Таа болница има 60-70 кревети, десетина се веќе зафатени. Имаме и други капацитети кои се спремни“, рече министерот.
Според него, десетина проценти од новозаразените во текот на денот се вакцинирани, но и десетина проценти од вакцинираните се хоспитализирани.
„Од вкупната бројка на вакцинирани граѓани, многу малку се дијагностицирани. Бројката се мери во промили, 0,002. Што значи дека главниот проблем е во граѓаните кои не се вакцинирани, немаме проблем во тие што се вакцинирани. И во други земји заболуваат но за 20 пати е помал ризиокот од смртен исход. Сите заклучоци од студии и анализи, тоа е единствениот механизам за да се смени сликата“, додаде Филипче.