Антителата произведени по кинеската вакцина „Синовак Биотек“ против Ковид-19 паднаа под клучниот праг околу шест месеци по втората доза кај повеќето од оние кои ја примија, додека третата доза имала силно стимулирачко дејство, според лабораториска студија.
Кинески истражувачи ги пријавиле наодите од студијата базирана на примероци од крв земени од здрави возрасни лица на возраст од 18 до 59 години, пренесе Ројтерс.
Меѓу учесниците кои примиле две дози, одвоени две или четири недели, само 16,9 проценти и 35,2 проценти, соодветно, сепак имале неутрализирачки антитела што биле над она што истражувачите го сметале за праг што може да се открие шест месеци по втората доза, се вели во студијата.
Индонезија и Тајланд веќе се согласија да дадат „Модерна“ или „Фајзер“ вакцини како трета доза, на некои луѓе кои биле целосно вакцинирани со „Синовак“, поради загриженост за неговата ефикасност против попреносливиот делта вид на коронавирусот.
Турција започна да нуди трета доза „Синовак“ или „Фајзер“ на некои луѓе кои примиле вакцина од Кина.
Кон крајот на јуни, „Синовак“ достави повеќе од милијарда дози вакцини, кои се клучни за имунизација во Кина, Бразил, Индонезија и Чиле.