Кубанската вакцина Абдала против корона вирусот покажала во текот на третата фаза на тестирање дека 100% штити од тешки форми на инфекција, објави агенцијата Пренса Латина, повикувајќи се на извори од производителот.
– Податоците за ефикасноста се веќе добиени на крајот од третата фаза на клиничкото испитување на „Абдала“. Резултатите се одлични – агенцијата ги цитира зборовите на директорката на Центарот за генетско инженерство и биотехнологија, и производител на вакцини, Марта Ајале.
Таа додаде дека групата на која се тестира ефикасноста на вакцината ќе се зголеми на 300.000 луѓе.
Претходно, Центарот за државна контрола на лекови, опрема и медицински инструменти на Куба ја одобри употребата на оваа вакцина, откако во втората половина на јуни, Куба објави дека го завршила клиничкото тестирање на препаратот, чијашто ефикасност била 92,28 проценти.