Шкотските власти пријавиле скоро 2.000 случаи на коронавирус поврзани со следење на натпреварите на Европското фудбалско првенство на стадиони, јавни собири, пабови или во приватни домови.
Бројките се однесуваат на првите две недели на Европското првенство, кога шкотската репрезентација одигра два натпревари на „Хампден парк“ во Глазгов и еден во Лондон.
Шкотскиот институт за јавно здравје објави дека се регистрирани вкупно 1991 случаи на коронавирус, од кои 1294 заразени лица отпатувале во Лондон на мечот против Англија на 18 јуни.
Исто така, откриени се 75 позитивни случаи поврзани со навивачката зона во Глазгов, 38 заразени лица го следеле натпреварот со Хрватска, а 37 против Чешка.
Позитивните случаи се поврзани со Европското првенство дури и ако заразеното лице присуствувало на неформален собир. Приближно три четвртини од заразените се на возраст од 20 до 39 години, а во девет од десет случаи се мажи.