Професорот по теоретска механика, Дејан Трајковски, кој на дневна основа статистички ги следи сите официјални информации поврзани со коронавирусот, објави нова анализа на својот Фејсбук профил во која зборува за индискиот сој на коронавирусот и предупредува дека „летото е време на интензивни патувања и лежерно однесување, поради што ќе треба да се вложи дополнителен напор и внимание за да го избегнеме внесувањето на овој опасен и брзоширечки сој во земјата“.
-Со увид во датабазата на ГИСАИД иницијативата, забележуваме дека во Грција до денеска се секвенционирани 10 случаи на САРС Ков2, варијанта B.1.617.2 „Делта“. Се разбира, вкупниот број случаи е далеку поголем од бројот на секвенционираните случаи. Случаите ги внесуваат со големо задоцнување, па така ова се случаи од крајот на април до средината на мај. Сепак, мора да се признае дека Грција натпросечно добро се справува со епидемијата на ковид-19 и засега многу добро го држи вирусот под контрола (што не значи дека нашите летовалци не треба максимално да внимаваат).
Понатаму, во Италија до денеска има 218 секвенционирани случаи на Делта сојот и таму прилично ажурно ги внесуваат случаите во датабазата. За жал, во Италија веќе се забележува забрзување на бројките.
Од балканските земји засега ниту една друга земја освен Грција не го секвенционирала Делта сојот. Дури ни Македонија се уште не го рапортирала во датабазата нашиот прв и единствен случај, увезен од Ирак.
Се разбира, во денешно време на развиен воздушен сообраќај растојанието не значи многу, па вирусот може да пристигне од било која европска или воневропска земја каде што има наша бројна дијаспора. Да се потсетиме дека во Велика Британија делта сојот веќе доминира со 97% меѓу сите соеви, а во САД веќе достигнал 30% и за десетина дена ќе стане доминантен.
Летото е време на интензивни патувања и лежерно однесување, поради што ќе треба да се вложи дополнителен напор и внимание за да го избегнеме внесувањето на овој опасен и брзоширечки сој во земјата. Колку и да изгледа безгрижно моменталната состојба, за кратко време може да се претвори во кошмар, со оглед на малата стапка на вакцинираност на населението. Масовните собири, ноќните клубови и свадбите, можат само да додадат бензин на огнот после првата искра, – пишува професорот Трајковски.