Фудбалскиот свет сеуште е во шок откако Кристијан Ериксен колабираше на терен на мечот меѓу Данска и Финска.
Ериксен колабираше на крајот на првото полувреме и веднаш стана јасно дека нешто не е во ред. Еден од неговите соиграчи му пријде и виде дека изгубил свест, па веднаш ги повика лекарите за да му дадат прва помош.
Лекарите брзо стигнаа до Ериксен и сите беа шокирани кога во ТВ-преносот покажа како се обидуваат да го реанимираат данскиот играч од средниот ред.
Докторот на данската репрезентација Мортен Боесен раскажа што се случувало кога пришол да му помогне на фудбалерот кој без свест лежеше на тревата.
„Кога стигнавме до него, тој дишеше. Но, состојбата се смени многу брзо, и почнавме со масажа на срцето. Добивме фантастична помош од докторот од стадионот и другите лица од брзата помош. Благодарение на заедничката соработка со нив, успеавме да го вратиме Кристијан. Пред да го однесат во болница, тој зборуваше со мене“ – раскажа Боесен.
Претставниците на лекарскиот тим на Интер, дадоа изјава во која велат дека нивниот играч Кристијан Ериксен без проблеми ги минал сите прегледи, и дека кај него не се забележани било какви срцеви проблеми, ниту имал коронавирус. Засега причината за колапсот на Ериксен за време на мечот Данска – Финска не е позната, но се претпоставува дека имал срцев удар.
Но по целата ситуација со Ериксен, се поставува прашањето дали тој ќе може подоцна редовно и непречено да игра фудбал? За БиБиСи зборуваше познатиот доктор Сам Мохидин:
„Звучи како да имаше успешна реанимација и дека го повратија нормалниот срцев ритам поради дефибрилацијата, но постојат и други работи поради кои тој ќе мора на дополнителни тестови. Не знам дали Кристијан ќе може повторно да игра фудбал. Без да ги ублажиме работите, тој денеска буквално умре, додуша само на неколку минути, но прашање е дали спортските професионалци би го пуштиле во иднина повторно да умре? Одговорот е не“, тврди овој доктор во разговор за БиБиСи.
Инаку, наградата ѕвезда на мечот, УЕФА му ја додели на Ериксен.
„Ваквите моменти фрлаат се друго во животот на страна. Во овие моменти обединетоста на фудбалската фамилија е толку силна и сите им посакуваме на него и неговата фамилија се најдобро, сите се молиме за него. Слушнав како фановите на двата тима го скандираат неговото име. Фудбалот е прекрасна игра и Кристијан Ериксен ја игра прекрасно“, изјав претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.