Седењето по дома и на нив им донесе профит. Техно маркетите во пандемијата може да се пофалат со одлични резултати. Секако голема заслуга за тоа има новиот начин на живот кога поради здравствената криза голем дел од граѓаните почнаа да работат од дома, а учениците наместо на училиште учеа он лајн. Со тоа најмногу се зголеми потребата од компјутери, па се јави дури и недостиг на лап топи. Еден дел од граѓаните присуството по дома го искористија и за реновирање па скокна продажбата и на останатата бела техника.
Сето ова сублимирано придонесе низ четирите најголеми ланци на продавници за техника (НЕПТУН, ТЕХНОМАРКЕТ, СЕТЕК и АНХОЧ) да се евидентирааат 138 МИЛИОНИ ЕВРА вкупен приход во 2020 година.
-На прво место по продажба беше информатичката технологија, се купуваше лап топи, таблети, но и мобилни уреди, како и статични компјутери. Пораст имаше и кај останатата бела техника од телевизори до уреди за домаќинствата, велат од Сетек.
Реномираната платформа за финансиски податоци БизнисМрежа.мк , заедно со порталот Pari.com.mk, ги сублимираше податоците за минатите 3 финансиски години.
Назив | Приходи 2018 | Приходи 2019 | Приходи 2020 | Раст 2018/2019 | Раст 2019/2020 |
---|---|---|---|---|---|
НЕПТУН | 56,823,724 € | 60,884,785 € | 59,359,855 € | 7.15% | -2.50% |
СЕТЕК | 32,301,089 € | 34,208,986 € | 44,676,803 € | 5.91% | 30.60% |
ТЕХНОМАРКЕТ | 10,846,074 € | 13,498,097 € | 17,996,403 € | 24.45% | 33.33% |
АНХОЧ | 11,656,671 € | 11,761,393 € | 16,230,483 € | 0.80% | 38% |
Табела бр. 1 Извор: БизнисМрежа.мк
НЕПТУН Е ЛИДЕР НА ПАЗАРОТ СО 59 МИЛИОНИ ЕВРА ПРИХОД
НЕПТУН, трета година по ред е лидер на пазарот со остварени приходи околу 60 милиони евра, поединечно секоја година. Пандемиската 2020 година ја заврши со вкупно приходи од 59 милиони евра, што е сепак за 2.5 проценти пониско остварување, во однос на 2019 година. НЕПТУН изгубил пазар вреден 1.5 милиони евра, што со голема мера на сигурност се трансферирал кај неговите конкуренти. Имено, АНХОЧ, СЕТЕК И ТЕХНОМАРКЕТ прават силен пробив на пазарот и 2020 година ја завршиле со пораст од над 30 проценти. Во апсолутни бројки, приходите на СЕТЕК порснале за 10.4 милиони евра, кај ТЕХНОМАРКЕТ таквите бројки се движат во рангот на 4.4 милиони евра, што е идентично и кога станува збор за порастот кај АНХОЧ. Од тука евидентно е дека пораснала побарувачката за техника, а клучниот сегмент за привлекување на клиентите се крие во маркетинг стратегиите, продажните цени и квалитетот на услугата. Вкупниот промет на овие четири компании пораснал за 19 милиони евра во 2020 година.
АНХОЧ СО НАЈГОЛЕМ РАСТ НА ДОБИВКАТА ЗА 226 ПРОЦЕНТИ
Анализата на податоците од БизнисМрежа.мк , за остварените добивки во 2020 година покажува дека пресликани се скоро истите трендови како и кај вкупните приходи.
Назив | Добивка 2018 | Добивка 2019 | Добивка 2020 | Раст 2018/2019 | Раст 2019/2020 |
---|---|---|---|---|---|
НЕПТУН | 2,779,942 € | 2,719,761 € | 3,011,520 € | -2% | 11% |
СЕТЕК | 1,259,076 € | 1,211,947 € | 2,658,199 € | -4% | 119% |
ТЕХНОМАРКЕТ | – | 337,806 € | 720,223 € | – | 113% |
АНХОЧ | 306,279 € | 389,640 € | 1,272,654 € | 27% | 226% |
Табела бр. 2 Извор: БизнисМрежа.мк
Повторно лидер е НЕПТУН со остварена добивка од 3 милиони евра, што претставува пораст од 11 проценти во однос на 2019 година. Во оваа категорија најголем скок остварил АНХОЧ, чие работење придонело да ја зголемат добивката за 226 проценти. Разликата во добивката меѓу двете компаниии(НЕПТУН И СЕТЕК) е 357 илјади евра, што е фантастична бројка ако се земе во предвид фактот дека само пред една година таа разлика изнесуваше 1.5 милиони евра. Со солиден раст заврши и ТЕХНОМАРКЕТ (реализиран пораст на добивка од 113 проценти), меѓутоа апсолутното ниво сепак е пониско во однос на конкуренцијата.
ВКУПНО ЧЕТИРИТЕ КОМПАНИИ ВРАБОТУВААТ 1.102 РАБОТНИЦИ
Од аспект на работоспособното население кое е апсорбирано во овие 4 компании, БизнисМрежа.мк ја евидентираше следнава состојба:
Назив | Вработени 2018 | Вработени 2019 | Вработени 2020 | Раст 2018/2019 | Раст 2019/2020 |
---|---|---|---|---|---|
НЕПТУН | 396 | 396 | 387 | 0% | -2% |
СЕТЕК | 322 | 349 | 371 | 8% | 6% |
ТЕХНОМАРКЕТ | 158 | 181 | 224 | 15% | 24% |
АНХОЧ | 98 | 104 | 120 | 6% | 15% |
Табела бр. 3 Извор: БизнисМрежа.мк
Вкупниот број на вработени во овие 4 компании на крајот на 2020 година изнесувал 1.102, а лидер во таа категорија останува НЕПТУН, иако кај нив евидентиран е пад од 2 проценти. СЕТЕК со позитивните стапки на пораст на вработени сигурно се доближува до НЕПТУН, додека ТЕХНОМАРКЕТ остварил најголем пораст кај бројот на вработени и процентуално (24%), но и во апсолутна бројка (43). АНХОЧ, исто така бележи пораст на бројот на вработени, но сепак во апсолутни бројки платните списоци се доста пократки отколку кај конкуренцијата, но од друга страна може да се каже дека остварените приходи и добивка се далеку повисоки ако се стават во корелација со бројот на вработени.
Извор: Пари, БизнисМрежа.мк
Comments are closed.