Македонската фудбалска репрезентација ремизира против Словенија со 1:1 (0:0) во претпоследниот настап пред дебитантското учество на Европските првенства. Стрелец на водечкиот гол за „црвено-жолтите“ беше Елиф Елмас во 55 минута по асистенција на Езџан Алиоски. Гостите израмнија во седмата минута од судиското надополнување преку Чрнигој.
По повеќе од година и пол имаше и публика на стадионот па македонските фудбалери можеа да ја почувствуваат поддршката од публиката пред да заминат за Романија.
Следен меч на Македонија е со Казахстан во петок на Арената како последна подготовка пред заминувањето идниот вторник за Букурешт, пет дена пред воведниот меч со Австрија на 13 јуни во романската престолнина на континенталниот шампионат.
Македонија на Европското првенство ќе игра во групата Ц против репрезентациите на Австрија (13 јуни во Букурешт, 18 часот), на Украина (17 јуни во Букурешт, 15 часот) и на Холандија (21 јуни во Амстердам, 18 часот).