Граѓаните на возраст над 60 години, кои се вакцинирале во Србија со вакцината на „Астра Зенека“, ќе може да се пријават за ревакцина во земјава преку интернет-страницата на Министерството за здравство ревакцинација.мк.
Помладите од 60 години ќе треба повторно да одат за ревакцина во Србија и потоа да се пријават кај матичниот лекар. Во земјава уште не се стигнати ниту списоците со македонски државјани кои се вакцинирани во Србија, иако тоа беше ветено досега од српските власти.
-Списоците не ги добивме, иако неколкупати разговаравме со министерот Лончар. Може кој било граѓанин ревакциниран на кое било место да се пријави кај матичниот лекар и тој во податокот ќе стави дека граѓанинот е ревакциниран, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Според објаснувањето на Филипче, сите сертификати што ќе ги добијат ревакцинираните во Србија се валидни како и сертификатот што ќе се издава во земјава и кју-ар кодот и од српските сертификати ќе може да се скенира со апликацијата која се очекува да биде во употреба наредните денови.